Општинската организација на СДСМ од општина Дебрца преку писмено соопштение испратено до медиумите ја информира јавноста дека во селото Оровник фекалната канализација се излева директно во локалната река која e дел од сливното подрачје Охридското Езеро.
-Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски пред неколку дена најавувајќи инфраструктурни проекти во општина Дебрца се испофали дека благодарение на Владата на Република Македонија, предводена од ВМРО ДПМНЕ и неговиот труд општина Дебрца добила нов лик. Многу е лесно во функција на популистичка кампања сам да се фалиш, но дали фактичката состојба е таква !? Неколку месеци наназад дел од фекалната канализација во село Оровник наместо како рецепиент да го има Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, се излева во локалната река, која гравитира кон Охридското Езеро. Имено, претходната зима, како резултат на надојдените води дојде до оштетување на канализационите цевки кои поминуваат низ речното корито, во непосредна близина на погонот за дрвна индустрија и фекалните води директно течат во реката, со што предизвикуваат штетни последици по здравјето и имотот на локалните жители и деградација на пошироката животна и природна средина. И покрај реакциите и барањата на локалното население до општината и јавното комунално претпријатие состојбата да се санира, до денес ништо не е преземено, пишува во писменото соопштение на СДСМ.
Оттаму апелираат до градоначалникот на општината, веднаш, без одлагање да ги задолжи одговорните во јавното комунално претпријатие да ја санираат состојбата и фекалната канализација ја доведат во исправна состојба.
OhridNews