Општинската организација на СДСМ од Дебрца преку писмено соопштение испратено до медиумите реагира на одлуката за долгорочно домашно задолжување на општина Дебрца.

-На денешната 29-та седница на советот на општина Дебрца, по предлог на градоначалникот на општината на дневен ред беше ставена одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Дебрца, со која се предвидува задолжување на општината со подзаем од Министерството за финансии, а  во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги, финансиран со заем од Светска Банка, во висина од 15.122.835 денари (248.000 евра), за финансирање на изградбата на фекална канализација за село Лешани, прва фаза од пречистителна станица  во село Грко Поле и кофинансирање на изградбата на фекална канализација за село Велмеј, информираат од СДСМ-Дебрца.

Оттаму потсетуваат дека при минатонеделната посета на населените места Велмеј и Лешани градоначалникот ја најавил реализацијата на овие проекти, но притоа не кажал од кои извори на средства се планира реализацијата на проектите.

-За нештата да бидат појасни ги информираме граѓаните дека изградбата на фекалната канализација за село Велмеј ќе се реализира со неповратни средства, грант од ЕУ ИПА за рурална инфраструктура, а изградбата на фекалната канализација за село Лешани и пречистителната станица со средства од Проектот за подобрување на општинските услуги, кој е долгорочно кредитно задолжување на општината, се вели во писменото соопштение.

Во него се нагласува дека советничка група на СДСМ во советот на општина Дебрца, секогаш безрезервно ги поддржувала проектите кои ќе придонесат за  подобрување на руралната инфраструктура и квалитетот на комуналните и другите општински услуги, но во овој случај побарале одговор на низа прашања за новото задолжување.

-Во кој дел од Изборната програма на градоначалникот стои дека планира да ја задолжува општината? Зошто планира да ја оптовари општината со долгови кои ќе паднат на товар на идните локални власти? Дали градоначалникот заборави дека општината од претходната локална власт му беше предадена со полна каса и без ниту денар долг? Дали општината има финансиски капацитети да го враќа кредитот, ако се знае дека има проблеми со сервисирањето на тековните обврски?  Како се очекува јавното комунално претпријатие да обезбеди финансиска одржливост на проектите ако се знае дека истото се дави во огромни долгови? Дали за реализација на проектите општината треба да се задолжи или како за општина со лимитирани финансиски перформанси за вакви проекти кои ќе опслужуваат мал број на корисници и се со ограничени можности за нивна финансиска самоодржливост поприфатливо  е да се преферираат други извори на финансирање, пред се грантови од домашни или меѓународни фондови ?, прашуваат од СДСМ.

Оттаму потенцираат дека водејќи се од интересите на граѓаните на општината советничката група на СДСМ ја поддржала оваа одлуката за имплементација на проектите, со забелешка дека во иднина кога се предлагаат одлуки кои имаат долгорочни финансиски импликации за општината, тоа да се прави во крајно транспарентна постапка, со вклучување на граѓаните, а не единствено да се тргнува од тесно партиските интереси и стекнување на ситни политички поени на краток рок.

OhridNews