Мeѓу загинатите во уривањето на бетонската натстрешница на железничката станица во Нови Сад, беше и д-р Васко Саздовски, кој дел од својата кариера ја помина и на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, велат во објавата на Универзитетот.
Ќе биде запаметен како врвен научник со достигнувања од светски рамки, прекрасен колега и пријател, вљубеник во природата. Последното работно искуство на Саздовски беше на Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде се истражуваат и развиваат информациски технологии во земјоделството. Голема загуба за сите нас, стои во објавата.
Во врска со трагично загубениот живот на Саздовски се огласи и професорот Рубин Земон.
Васко Саздовски ми беше колега во Унивeрзитетот „Св.Апостол Павле“ во Охрид. Врвен научник, прекрасен скромен човек, со кого секогаш можеше да се разговара конструктивно за секоја проблематика. За жал се најде на погрешно време, во погрешно место на железничката станица во Нови Сад. Голема трагедија за семејството, а Македонија загуби еден врвен научник по роботика!, напиша Земон.
Во Нови Сад од денеска до понеделник се денови на жалост поради загубата на 14 лица врз кои се урна масивниот бетонски покрив на железничката станица.
Н.С.Ј.
фото. УИНТ