Саудиска Арабија претстави проект за изградба на луксузно одморалиште што ќе биде сместено среде природниот песочен резерват Шараан во пустината Ал-Ула.

Одморалиштето, исто така наречено Шараан, е дизајнирано од францускиот архитект Жан Нувел. Првите објавени слики ги прикажуваат елегантните и пространи дворови на одморалиштето однадвор, наспроти неговата богата, но интимна внатрешност. Изгледот на одморалиштето е делумно инспириран од Ал-Хиџр – археолошкото наоѓалиште под заштита на УНЕСКО, што неодамна беше отворено за јавноста.

Нувел посочува дека на овој начин сака да придонесе за зачувување на „овој древен пејзаж“ на саудиската пустина.

Ал-Ула е музеј. Секоја вдлабнатина и испакнатост, секое зрно песок и карпа… Секое геолошко и археолошко место го заслужува секое внимание и подробно проучување. Од огромно значење е да се задржи целата препознатливост и привлечност на пустината, изјави архитектот за „Дезен“.

Одморалиштето Шараан ќе биде отворено за посетители до 2023 година и ќе има 40 апартмани за гости и три вили. Развојот на проектот целосно ќе го надгледува Нувел, заедно со Кралската комисија за пустината Ал-Ула, составена 2017 година, за да помогне во развојот и унапредувањето на ова подрачје.

Овој проект е дел од пошироките напори на Саудиска Арабија да се претстави како меѓународна туристичка дестинација, заради стопанството и националниот идентитет на земјата.

OhridNews