Сатиричниот моноспектакл „Писма од земјата“, авторско дело на актерот Никола Тодороски, репризно ќе биде изведен пред охридската публика во сабота, 19-ти март, на сцената на Народниот театар Охрид во Центарот за култура „Григор Прличев“. Оваа исклучително театарско остварување предизвика стоечки овации на премиерата што се одржа на 8-ми март, причина повеќе да резервирате место во малата сала на центарот за култура за саботната реприза.
-Ова сатирично дело, е работено според раскази од Марк Твен, кои јас се обидов да ги драматизирам. Тое е една сатирична турболенција која зборува за сите оние горчливи нешта кои постојат во општеството, прикажани на еден сатиричен начин. Ликот на лудиот филозоф ја соочува публиката да се напие од горката чаша на се она што не опкружува во општеството и при тоа згрозена да плукне на сите тие работи, да се насмее и насмевнувајќи да се присети дека може да биде и полошо, вели актерот Тодороски.
Ова е прв театарски проект на Никола Тодороски од ваков тип во кој тој се јавува како главен лик и режисер, автор на сонговите и сценарист.
Дизајнот на костимот кој е специфичен е изработен во соработка со Ромина Стефанова Рашити.
Билетите за претставата во претпродажба по цена од 150 денари можат да се набават во музичката продавница ЗЗ Топ. На денот на претставата тие ќе чинат 200 денари, а ќе се продаваатм и на билетарницата при Центарот за култура.
OhridNews