Реката Сатеска се влевала во Црн Дрим, по природен пат, меѓутоа во есента 1961 година за енергетските потреби на хидроцентралaта Глобочица, таа кај селото Волино била пренасочена да се влава во Охридското Езеро. Поради тоа што оваа река не е дел од природното сливно подрачје на езерото, го пореметува балансот на водата во него.
-Таа е поројна река со просечен дотек од 6,5 метри кубни во секунда. Значи во Охридското Езеро носи околу 200 милиони метри кубни вода годишно. Сливот на реката Сатеска изнесува 432 километри квадратни, а сливот на природната сливна површина на Охридското Езеро изнесува 236,6 километри квадратни. Значи по вештачки пат со водата што ја носи Сатеска, сливот на Охридското Езеро изнесува вкупно 668,6 километри квадратни, што речиси е три пати повеќе од количината на природниот езерски слив.-вели д-р Орхидеја Тасеска од Хидробиолошкиот институт.
Таа објаснуваат дека покрај големата количина на вода, поголема штета е тоа што реката Сатеска во езерото носи големи наноси од органските и неоргански материи кои се таложат на езерското дно. Според научните анализи и испитувања годишна просечна количина на наноси во езерото од вкупната сливна површина на реката Сатеска изнесува 42.593 метри кубни на километар квадратен. Односно тоа е околу 1400 тони наноси за едно деноноќие.
– Органските материи се штетни затоа што ја зголемуваат органската продукција во самото езеро, а тоа значи забрзана еутрофикација односно стареење на езерото, додека пак неорганските материи предизвикуваат таложење односно оплитнување на езерото. Самото оплитнување го спречува капацитетот на самопрочистување на езерото.-вели д-р Тасеска
Испитувањата на фито планктонот и микорбиолошките испитувања кои се направени во северниот дел од езерото, каде што се влева оваа река, говорат дека хетеротрофните микроорганизми, се 183 пати повеќе од оние кои се наоѓаат во слободната вода односно чистата езерска вода. Додека пак количината на фосфорни материи во овој дел од езерото е од 10 до 30 пати поголем од количината на истите во останатите делови на езерото.
-Значи реката Сатеска не само што ја нарушува еколошката состојба на Охридското Езеро, таа го намалува квалитетот на водата, ја намалува неговата провидност, ги уништува риболовните подрачја на реоните во Подмоље и Калишта, кои гравитираат во тој регион, а може да се зборува и за геолошкото деградирање на басенот на езерото. Од научен аспект оваа состојба повеќе не треба да се дозволи и треба да се превземат сите мерки за реката Сатеска да се отстрани од езерското сливно подрачје, затоа што во спротивно предизвикува постепено изумирање на Охридското Езеро. –нагласува Тасеска.
Во 1998 година тогашниот завод за Водостопанство на Република Македонија изготвил проект за враќање на Сатеска во своето старо корито, меѓутоа до ден денес тој проект не е реализиран. Иницијатива за пренасочување на реката Сатеска во старото корито донесе и Советот на Општина Охрид, на својата последна седница. Оваа иницијатива заедно со останатите заклучоци за заштита на Охридското Езеро ќе се достават надлежните државни служби.
-Државните служби треба од научно, експертски и технички аспект сериозно да ја да ја разгледаат можноста за пренасочување на реката Сатеска во својот природен тек, односно наместо во езерото да се влева во реката Црн Дрим.-се вели во предлогот за решавање на овој проблем.
Мал дел од реката Сатеска беше пренасочен по својот стар тек, кон средината на март, кога охридското крајбрежје се соочуваше со проблеми поради покачениот водостој на езерото и подземните води.