Доколку реката Сатеска која се смета за еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро не биде пренасочена во старото корито од каде реката се вливаше во Црн Дрим, последиците по еко системот ќе бидат катастрофални предупредуваат експертите.

Реката Сатеска која извира од Плаќенска планина и во која се влеваат голем број помали и поголеми реки со себе во Охридското Езеро носи големи наноси, како и пестициди, хербициди, инсектициди и други отровни материи кои се употребуваат во земјоделството, кои преку синџирот на исхрана, на крај стигнуваат и до човекот, вели професор д-р Здравко Крстаноски од Хидробиолошкиот институт од Охрид. Сепак предупредува Крстаноски, најголемата опасност претставуваат органските материи кои Сатеска ги носи во езерото. Во наносите што Сатеска ги носи во Охридското Езеро има и до 80% органски материи кои предизвикуваат забрзана еутрофикација-стареење на езерото, што на крај ќе резултира со негово изумирање, предупредува  Крстаноски.

Според него пренасочувањето на реката Сатеска од старото корито во Охридското Езеро што се случи во 1961 година е катастрофална грешка која час поскоро треба да се исправи.

Со ваквиот став не е се согласува професорот од Факултетот за Туризам Науме Мариноски, кој активно беше вклучен во изработката на Нацрт просторниот план за Охридско-преспанскиот регион кој го тангира и проблемот со реката Сатеска.

Според Мариноски враќањето на реката Сатеска во старото корито ќе влијае негативно на хидролошката состојба на Охридското Езеро, но и на акумулацијата „Глобочица“ која исто така ќе се соочи со недостаток на вода.

Професорот и лимнолог Крстаноски се согласува дека пренасочувањето на реката Сатеска во Дрим ќе значи дека во Охридското Езеро ќе се влеваат околу 200 милиони кубни вода помалку, но вели дека таа вода е загадена и многу опасна и доколку и натаму продолжи да се влева во езерото последиците ќе бидат катастрофални.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека реката Сатеска нема да се дислоцира во старото корито, туку дека по нејзиното течение ќе се изградат таложници за да се спречи таложењето на наносите во Охридското Езеро.


Сатеска и натаму ќе се влева во Охридското Езеро сo се што носи со себе

Крстаноски не се согласува со ваквата идеја бидејќи како што тврди, таложниците не можат да го запрат ситниот нанос кој  содржи органски материи кои го оптоваруваат Охридското Езеро и предизвикуваат еутрофикација.

Тој информираше дека во 1993 година е извршена научна ревизија на планот за дислокација на Сатеска при што научниот  тим кој во шеесетите дал согласност за  пренасочување  ан  Сатеска во Охридското Езеро признал дека направил грешка. Крстаноски вели дека најдобро решение е Сатеска да се врати во старото корито, а по нејзиното  течение да се изградат таложници. Така смета Крстаноски, ќе се заштити Охридското Езеро, а штетата што ќе ја претрпи Црн Дрим ќе биде многу помала отколку да се дозволи изумирање на Охридското Езеро.

Крстаноски информираше дека пред 14 години бил изработен комплетен проект за враќање на Сатеска во старото корито со изградба на заштитен регулатор во случај на големи поплави, кој тогаш се проценувал на 16 милини германски марки, или денешни 8 милиони евра.

Горан Момироски