Со одлука на Министерството за здравство, од функцијата раководител на Центарот за јавно здравје Охрид е разрешен Сашо Точков.

Во кусото образложение што го доби нашата редакција од ресорното министерство, не се соопштуваат детали за смената која предизвика големи реакции во охридската јавност, дотолку повеќе што доаѓа во екот на ковид кризата.

Во изминатиот период направени се низа промени на раководните места во јавно-здравствените установи. Овие промени се прават со цел да се подобри работата во јавното здравство. – информираат од Министeртсвото за здравство.

За вршител на должност раководител на Центарот за јавно здравје Охрид времено е назначен познатиот интернист Д-р Ѓоко Констаниновски. Од Министерството за здравство најавуваат дека наскоро ќе биде официјализирано новото раководно решение во Центарот за јавно здравје во Охрид кој е на браникот во борбата со Ковид 19 од почетокот на пандемијата.

Во однос на назначувањето на нов директор во Центарот за јавно здравје Охрид, дополнително ќе бидете известени. – стои во соопштението на Министерството за здравство.

Инаку Сашо Точков беше назначен за в.д. раководител на Центарот за јавно здравје во Охрид во 2017 година. Тој две години ја извршуваше функцијата како вршител на должност, а пред точно една година доби решение за раководител.

OhridNews