Иако Охрид е најголем туристички центар во земјава не постои служба која што ги координира институциите кои треба да делуват при несреќи на вода, предупредува Сашо Точко – претседател на општинскиот Црвен крст.
 
– Пред се не постои Центар за безбедност на вода, што е практика во развиените земји  каде тие институции ги работи Црвениот крст. Не мора овде да биде Црвениот крст, но постои капацитет и професионална структура кај нас која сме ја обучувале со години, вели Точко.

Тој посочи дека Црвен крст Охрид располага со повеќе од 150 спасители професионалци кои што можат да делуваат во ситуации на вода, да укажуваат прва помош и психолошко советување на лица кои доживеале несреќа.

– Ние професионално обучуваме кадри но за жал ниту државата, ниту локалната самоуправа не не следи во чекор и не ги поддржува активностите, не со збор, туку со опрема, активности и одредување локација каде ќе бидат сместени тие единици кои ќе можат организирано да делуваат, додаде Точко.

Според него реакцијата при потонувањето на „Илинден“ била далеку од организирана и професионална и направени биле доста пропусти за што е потребно да се отвоти поширока дебата, особено помеѓу институциите задолжени за спасување.

– Не беше најпрвин ниту обезбедено местото на несреќата па гледавме разни снимки во јавност и разни непрофесионални работи кои не би смеело да се случуваат, вели Точко, нагласувајќи дека од неодамнешната несреќа треба да се извлечат големи поуки.

Претседателот на Црвениот крст укажува дека Центарот за безбедност на вода во рамки на кој ќе делува тим за брза интервенциии треба да биде на брегот на Охридското Езеро и соодветно да биде опремен, но засега надлежните органи  не покажале поголем интерес за оваа иницијатива.

– Имаме вербална поддршка меѓутоа ништо не е направено, најповеќе ја слушам реченицата не е предвидено со урбанистичкиот план, па нека се предвиди затоа што не може туристичко место како Охрид да нема Центар за безбедност на вода, категоричен е  Точко.

Тој упати апел и до надлежното министерство да се регулира безбедноста на Охридското Езеро, посочувајќи дека пред се фали опрема за спасителите. И таа што ја имаме се уништува, додаде Точко.

Спасувачките чамци  ги чуваме во едиличарскиот клуб кој не е должен да ни ја чува опремата. Да биде трагедијата поголема две недели пред несреќата човек кој што имал најверојатно некакви проблеми го украл чамецот за спасување и потполно го уништил. Тоа само укажува дека мора да биде организирано местото каде ќе се чува опремата за спасување од каде ќе дејствуваат и единиците за брза интервенција при евентуални несреќи, рече Точко.

Г. Момироски