Со 14 гласа ЗА и 7 воздржани Сашо Донев, со поименично гласање беше избран за претседател на новиот состав на Советот на Општина Охрид на првата конститутивна седница.
Им се заблагодарувам на граѓаните на Охрид што ни дадоа шанса да ги претставуваме во Советот на Општина Охрид и да се бориме за нивните интереси. Ветувам дека во идниот период ќе има многу седници, ќе има многу работа и ќе ги оствариме сите оние работи коишто ги ветувавме и за време на изборната кампања, но и пред тоа. Ќе се бориме за интересите на граѓаните на Општина Охрид без оглед на која политичка партија припаѓаат. Како иден претседател ќе комуницирам подеднакво со сите советници и сите заеднички ќе ги решаваме проблемите, рече Донев изразувајќи благодараност до советниците и од позицијата и од опозицијата кои му ја дадоа довербата за претседател на Советот.
Донев за Претседател на советот беше предложен од ВМРО ДПМНЕ со образложение дека покрај тоа што е магистер по политички науки и беше носител на советничката листа која освои поголем број гласови за време на изборите, има претходно искуство во работата на Советот, а бил и директор на Јавно претпријатие.
Претходно, на денешната седница со 22 гласа ЗА беше избрана Комисијата за верификација, избори и именувања во која за претседател беше назначен Наум Јамандиев, за заменик претседател Милена Грозданоска, додека за членови се избрани Бесник Османи, Димитар Велјаноски и Виолета Аврамовска. Комисијата за верификација ги разгледа уверенијата и личните исправи за идентификација, по што беа избрани 23 членови на Советот. Со 22 гласа ЗА советниците ја донесоја Одлуката за верификација на мандатите на 22 советници во новиот Совет на општина Охрид, по што беше дадена свечена изјава. Избраниот член на Советот Нефи Усени не беше присутен на седницата и согласно Деловникот и Статутот, верификацијата за неговиот мандат се одлага за следната прва седница кога ќе биде присутен.
Во Советот, ВМРО ДПМНЕ има десет советници, СДСМ осум, ДУИ двајца, „Левица“ еден , „Охрид пред се“ – еден советник и „Охрид има план Б“ еден советник.
Новиот Совет на Општина Охрид го сочинуваат Сашо Донев, Горан Стојаноски, Билјана Тодева Стојановска, Горан Маркоски, Наум Јамандиев, Благородна Чулческа, Кире Пердулоски, Ана Крстеска, Перчо Божиноски, Александра Настоска Николоска, Науме Јованоски, Живка Ангелоска, Стојан Митрески, Деса Косаркоска, Арбен Демироски, Бојан Михајлоски, Ванчо Костовски, Милена Грозданоска, Бесник Османи, Виолета Аврамоска, Антонио Наумоски, Димитар Велјаноски и Нефи Усеини.
Н.С.Ј./К.А.