Што донесе мерката недела неработен ден за охридските дуќанџии и занаетчии? Кој доби а кој изгуби и дали требаше една посеопфатна анализа пред да се имплементира? Треба ли туристичките центри да бидат изземени од оваа мерка? На овие прашања во новото издание „Напладне” дискутиравме со Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора и потпретседател на националната занаетчиска комора.

Гостите кои продолжениот викенд го поминуваат во Охрид, наидоа на затворени дуќани во охридската чаршија. Причина е законот со кој недела е неработен ден за сите. Целта на истиот, е да се спречи злоупотреба на работниците и нивниот труд, но впечаток е дека законот не ги предвидел сите аспекти. Од тоа дека Охрид е туристички град, до тоа дека одредени дејности, како занаетчиството не можат да се споредат со големите трговци и други економски оператори кои вработуваат голем број работници, бидејќи тие работат сами, вели првиот човек на Регионалната занаетчиска комора.

Богоески истакнува дека мерката „Недела неработен ден“, донела само главоболка плус за занаетчиите кои не се задоволни.

Ние сме сами вработени, не злоупотребуваме ничиј труд, затоа што немаме работници. Најголемата грешка е направена кога се носеа овие измени не беше никој консултиран, ни занаетчиите, ни занаетчиската комора на Република Македонија. Ако некоја фризерка мисли и во недела да работи или има потреба да работи, или бербер, или козметичарка, треба да р4аботат бидејќи не злоупотребуваат никого. – вели Богоески.

Сашо Богоески - Претседател на Регионалната занаетчиска комора
Сашо Богоески – Претседател на Регионалната занаетчиска комора

Најавено е, рече Богоески, дека барањата на занаетчиите и ситните трговци ќе одат во собраниска процедура со цел да се изнајде законско решение тие да можат да работат во недела. Дали и какви законски измени ќе предвиди законодавецот, останува да се види.

Со вака поставениот закон со кој недела е неработен ден, губат сите, губат занаетчиите, губат граѓаните, губат туристите. Охрид е туристичко место, за викенд дошле туристи, сабота можат да пазарат, во недела се е затворено. Малку специфично за Охрид, несоодветно. Тука требаше она што трговците го побараа, за туристичките места да има измени, да можат малите трговци да работат и во недела, а со самото тоа и занаетчиите. – посочи Богоески.

Тој потсети на Законот за занаетчиство, според кој, работното време на занаетчиите го определува општината според месните обичаи и традицијата.

Како „Недела неработен ден“ се одразува на занаетчиството и локалната економија, на туризмот и на Охрид како најразвиен туристички центар, погледнете во новото издание „Напладне“ во кое гостин е претседателот на Регионалната занаетчиска комора Сашо Богоески.

Сашо Богоески во „Напладне“: Со Недела неработен ден губат сите, и занаетчиите, и туристите и Охрид

OhridNews