ЈП Комуналец е изненаден од елементарното непознавање на законите во РМ , посебно Законот за јавна чистота, од страна на претседателот на МЗ Куратица, Горан Ангелоски- стои во дописот кој до редакцијата на OhridNews го испрати директорот на ЈП Комуналец, Сашо Алчев, а како одговор на обвинувањата од претседателот на МЗ Куратица.

Согласно Законот за јавна чистота, одржувањето на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес од локално значење. Во истиот закон стои и дека  за одржување јавна чистота се плаќа надоместок во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржување на јавните површини на нивното подрачје, потенцира Алчев.

Средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приходи на општината и се користат за финансирање на работите на јавната чистота, а наплатата на надоместокот за одржување на јавната чистота се врши преку доставување на сметка за собирање на комуналниот отпад и другите видови неопасен отпад, кој се прикажува одвоено на сметката. Снегот и мразот во село Куратица го чисти Локалната самоуправа од овие средства, исто и одроните кои се јавуваат на патот кон селото, а годините наназад се чистат и локалните канали, стои во дописот од ЈП Комуналец.

Контејнерите кои се поставени во с.Куратица исто така се од средствата издвоени од Локалната самоуправа и уште многу други активности кои се одвиваат во ова село се финансирани од средствата кои се собираат од граѓаните како надомест за јавна чистота. Ј.П.”Охридски Комуналец”-Охрид , во овој случај само ги собира парите од граѓаните за надоместок за јавна чистота.

– Наместо да ги манипулирате Вашите соселани со изјави кои произлегуваат од  елеменарното непознавање на законите , Ве упатуваме да побарате измени на Законот за јавна чистота, бидејќи ние како јавно претпријатие само го спроведуваме законот, стои во дописот испратен од првиот човек на ЈП КОмуналец. 

OhridNews