Охриѓани во петокот уживаа во емотивната драма „Не се клади на Енглези“ во изведба на Македонскиот народен театар – МНТ, хит комедија од авторот Владимир Ѓурѓевиќ во која играат актерите Сашко Коцев, Оливер Митковски и Александар Микиќ, а во режија на Синиша Евтимов. Поради големиот интерес претставата беше одиграна два пати едно по друго, што е реткост, дотолку повеќе што тоа претставува голем напор за актерската екипа, вели во разговор за OhridNews актерот Сашко Коцев, во кој тој открива кој ќе биде неговиот следен филмски проект, како и дали се надминати недоразбирањата при гостувањата на МНТ на затворањерто на фестивалот Охридско лето што кренаа голема прашина во јавноста.
ON: Охридската публика со стоечки овации ја поздрави актерската екипа на МНТ која на 6-ти октомври во Охрид ја изведе хит претатавата „Не се клади на Енглези“. Може да ни кажете нешто повеќе за претставата, колку долго е на репертоар и каков е приемот кај публиката?
Сашко Коцев: Претставата имаше премиера на 4-ти март 2014 година и до сега е одиграна скоро 70 пати. Искрено и ние не очекувавме ваков успех на овој проект, кој го започнавме доста неамбициозно и непретенциозно. Тоа е една обична приказна од едно маалско предградие. Тоа воопшто не е некоја урнебесна комедија, само една едноставна драма за изгубено другарство, за човечкото лицемерие и завист. Како се ближеше премиерата, така претставата растеше со нас, растеа ликовите и сето тоа се претвори во една многу смешна драма и една многу тажна комедија. Најдобриот коментар што стигна до нас од еден гледач гласеше: „ КАКО ДА БЕВ ПОТКАЧЕН И ЅИРКАВ НИЗ НЕЧИЈ ПРОЗОРЕЦ ВО НЕКОЈА ДНЕВНА СОБА ВО КОЈА НА ТРОЈЦА ДРУГАРИ ВИСТИНСКИ ИМ СЕ СЛУЧУВАЊЕ НЕШТО.“ Тоа беше природноста на дејствието кон кое се стремевме и ете резултатот е видлив. Апсолутен хит веќе 4 сезони.
ON: Билетите во Охрид експересно беа продадени, а поради големиот интерес имаше две претстави едно по друго во Центарот за култура, што покажува дека охриѓани се „гладни“ за квалитетни културни настани. Ви претставува ли тоа дополнителна инспирација и покрај тоа што станува збор за актерска екипа составена од врвни професионалци?
Сашко Коцев: За нас е навистина тешко да играме две претстави во иста вечер, но сепак се работи за гостување и заради обврски во нашиот театар тешко се усогласуваат термините, па моравме да се одлучиме на ваков потег. Навистина беа експресно распродадени билетите, што покажува дека Охрид има театарска публика, а Охридскиот театар е одличен организатор. Публиката секаде е желна за театар, ние само треба да и нудиме повеќе. Проблемот е што во внатрешноста театрите не се во можност да имаат повеќе премиери годишно заради помалите буџети, заради помалу бројна екипа, заради грејна сезона и така натаму… ама мислам дека публика има константно. А најдобрата реклама за една претстава е само едно – ТАА ПРЕТСТАВА ДА Е ДОБРА. Нас публиката ни веруваше уште пред да ја види и чуе за претставата, па моравме да ги оправдаме очекувањата, што е уште потешко. Секако дека бројноста на публиката, нејзините аплаузи, за нас се мотор кој ни дава уште повеќе адреналин за нови и уште поголеми проекти.
ON: Охридскиот народен театар се’ уште e млада културна институција која расте и се развива. Дали сте имале прилика да погледнете некоја претстава на НОТ и дали постои можност во перспектива за соработка на некој театарски проект?
Сашко Коцев: Секако дека сум ги гледал претставите на НОТ. Таму има одлична екипа, вљубеници во театарот кои успешно ја движат таа машинерија и таа релација театар-публика, и покрај условите кои не се во најидеална состојба, а ги наведов погоре. До сега не сме дошле на разговор за размена или гостување како актер гостин, дали јас во НОТ или тие во МНТ, но сепак еве ваквите мали соработки се повеќе не зближуваат, па тоа може да вроди со некоја таква идеја и реализација во иднина.
ON: Покрај театарскиот ангажман на матичната сцена, работите и како стендап комичар, водител сте на Златна буба мара. Изминатите години ве гледавме во неколку успешни филмски улоги. Работите ли некој нов филмски или тв проект?
Сашко Коцев: Да за една недела започнува снимање на филмот „ПРОЕКТ СРЕЌА“ на режисерот Борјан Зафировски. Тоа е една емотивна урбана приказна за релацијата брат и сестра. Имаме една идеја да снимиме филм по истиов текст “НЕ СЕ КЛАДИ НА ЕНГЛЕЗИ“. Ако успееме да стигнеме да ја затвориме финансиската конструкција, мислам дека сме на пат до уште една успешна приказна.
ON: Ги надминавте ли недоразбирањата околу затворањето на фестивалот Охридско лето, што предизвикаа бурни реакции?
Сашко Коцев: Секако дека да и тоа многу бргу. Иако не ни беше планот од тоа да се направи толкава приказна, но сепак, во театар се работи со емоции, па тие некогаш знаат да ескалираат како што се случи вечерта.
ОN: Како го поминуваш слободното време, навратуваш ли приватно во Охрид, што најмногу ти се допаѓа тука?
Сашко Коцев: Охрид ми е местото за медитација, во било кој период од годината. Макар и само на 2 дена. Охрид е местото со кое се гордеам пред гостите од другите земји, охридскиот чаршиски и чашитски дух е моја честа инспирација.
Г.Момироски