Саша Барон Коен воопшто не мора да се труди за да остави впечаток. А замислете како е кога ќе даде се од себе. Така насобраните на плоштадот Лестер во Лондон, каде синоќа беше одржана премиерата на филмот „Гримсби“, го видоа главниот јунак по гаќи. Ноби, главниот лик во оваа комедија, се појави во оригинално издание и на црвениот тепих. Ролка, држач за пиштол преку неа, сини гаќи и неизбежните папучи… Овој фудбалски хулиган на премиерата понесе и порција колбаси со помфрит и пиво.
Од него драстично се разликуваше Марк Стронг, облечен како Џејмс Бонд. Така е и во филмот, во кој Стронг го игра одамна изгубениот брат на Ноби, Себастијан, кој е згрозен кога после многу години го запознава својот чуден најблизок член од семејството. Исла Фишер, сопругата на Коен која исто така се појавува во филмот, во еден момент го нахрани со помфрит својот сопруг на црвениот тепих.