Претставата „Краљево“ на Народното позориште од Сараево најавена за вечерва на фестивалот Охридско лето нема да се одржи.
Официјално причина за недоаѓањето на сараевчани во Охрид се условите кои ги понудила дирекцијата на фестивалот.
Според дирекцијата на фестивалот, на екипата од Сараево и биле понудени стандардните услови за гостување, како и на останатите театарски групи од странство, но сега добиле одговор од нивна страна во кој се вели дека „не можат да се вклопат во стандардните услови кои ги нуди фестивалот“.
Од дирекцијата на Охридско лето информираат и за измени на програмата на 12-ти и 14-ти август 2007 година.
На 12.08.2007 г. (недела) во црквата Св. Софија ќе се одржи концертот на Сојузот на музички уметници на Македонија со триото „Интерарт“, пијано дуото „Гелебешеви“ и сопранот Славица Петрова- Галиќ во пијано придружба на Јасминка Чакар.
Премиерата на мјузиклот „Свирач на покривот“ на Народниот театар од Битола и Битолската Опера се презакажува за вторник 14.08.2007г. во центарот за култура „Григор Прличев“ во 21.00ч.
Оваа промена е направена заради непредвидливите временски услови и специфичната техника на претставата, која е осетлива на климатски промени, а се со цел , успешна изведба на премиерата.
Јасминка Т. Момироска