Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски заедно со градоначалникот Никола Бакрачески, претставници од локалната самоуправа и од стручните служби денес извршија обиколка на местата кои беа поплавени при обилните врнежи од дожд во Охрид и охридско. Како што истакна министерот, може да се констатира дека најголемиот дел од штетите се санирани.
– Со задволство можам да кажам дека за 12 часа 95% од штетите се санирани. Пристигна и дополнителна механизација од Скопје и од приватни компании, а во голем дел помогна и Македонија Пат за чистење на свлечиштата. Драго ми е што има добра координација меѓу службите и очекувам дека во текот на денот сите дополнителни места ќе бидат санирани. Подготвени сме да интервенираме и во случај на нови врнежи од дожд, изјави министерот Мисајловски.
Градоначалникот информира дека во текот на вчерашниот ден и денес се работело на чистење на речните корита околу поплавените делови од општината, на дренажните канали, се отварале нови одводи на потегот околу Железничка. Исчистени се и сите одрони и наноси на патот Охрид- Св. Наум, кај Елешец, Пештани, Долно и Горно Лакочереј, на патот Елешец- Елшани.
Во тек е и постапката за обесштетување на граѓаните чии имоти настрадаа во поплавите.
– Уште вчера од локалната самоуправа беше формирана посебна комисија која изврши увид со фото документација во сите куќи каде имаше штети и оваа недела и наредната ќе се направи комплетна проценка на штетите и ќе се донесе одлука за обесштетување на сите граѓани чии имоти беа поплавени, рече градоначалникот.
Граѓаните во чии домови имаше и до 30 сантиметри вода, денес, задоволни што водата се повлекла.
– Уште саботата навечер почна да влегува вода по некои домови, мислевме ќе се повлече, но потоа моравме да пријавиме. Дојдоа градоначалникот и други претставници од локалната самоуправа, од јавните претпријатија и веднаш се интервенираше за да се отстрани водата од куќите, раскажува Сенад Хусеиноски жител на улицата „ Стив Наумов“.
Досега евидентирани се 37 домаќинства чии имоти биле поплавени. Од локалната самоуправа изразуваат надеж дека оваа бројка нема да се зголеми, но не се исклучува можноста да има и нови пријави од страна на граѓаните.
Т.К.