Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер бил уапсен на патарина на околу 100 километри од австрискиот град Салцзбург, а не се знае кога Австрија би можела да го екстрадира на Хрватска.

Според австриските медиуми, Санадер бил уапсен од полицајци во цивил и при апсењето не пружал отпор. Нему му биле ставени лисици и бил однесен во притвор. Со Санадер во моментот на апсењето бил и неговиот брат кој бил пуштен од полицијата, а како што јавува ОРФ, Санадер би требало да заврши во затворот во Инзбрук.

Началникот на Управната криминалистичка полиција на Хрватска Витомир Бијелиќ за РТЛ изјави дека Санадер од Австрија планирал со авион да одлета за Минхен, а потоа за САД, но патот му пропаднал бидејќи Американците одбиле да му издадат виза.

Австриските медиуми шпекулираат дека Санадер би можел да ги искористи своите врски со австриските политичари и да се обиде да издејствува политички азил во Австрија.

Волфганг Кромер, кој со Санадер во Австрија основал заедничка компанија Прима Консалтинг, за „Дер Стандард“ рекол дека нема контактирано со поранешниот хрватски премиер.

„Но по сето ова, не сакам повеќе да имам работа со него и сакам да ја ликвидирам оваа наша заедничка компанија“, рече Кромер.

Австрискиот дневен весник „Кроне“ потсетува дека Санадер е една од клучните фигури во аферата Хипо, и додава дека австриските власти сега би можеле да ја искористат шансата да го испитаат поранешниот хрватски премиер.

Весникот понатаму додава дека воопшто не е за изненадување што Санадер е пронајден во Австрија. Освен што одржувал блиски контакти со неколку австриски политичари, тој неодамна во Инзбрук основал консултантска куќа ГмбХ, а во Австрија живее и неговиот брат Мирослав.

Австрија е воедно земјата во која Санадер ги минал студентските денови и во која кон крајот на 80-сетите работел и го основал огранокот на Хрватската демократска заедница(ХДЗ).

Доколку се утврди дека Санадер има и австриско државјанство, тогаш екстрадицијата во Хрватска ќе оди многу тешко, па дури и невозможно поради Уставот на Австрија, кој не дозволува екстрадиција на австриски граѓани.

Ако има австриско државјанство, судијата ќе мора веднаш да го пушти на слобода.

извор “Макфакс“
Ohridnews