Со средства обезбедени од Охридскиот Завод и Музеј и ресорното Министерство за култура се спроведуваат обемни зафати за санација и реставрација на Куќата на Робевци во Охрид, еден од најзначајните и најпрезезентативни објекти од старата градска архитектура. Станува збор за еден од најголемите проекти за кој досега се издвоени три милиони денари, а реконструкцијата е предвидено да биде заокружена некаде до крајот на март годинава.
Директорот на Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев, посочува дека особено внимание ќе се обрне на безбедноста на објектот, бидејќи во него се наоѓа златната соба во која се изложени највредните археолошки предмети …
Целта е споменичниот комплекс чиј дел се Магазата, Депото и Лапидариумот да се сочуваат од забот на времето, со што ќе бидат уште поголема атракција за посетителите. Се работи за интервенции на фасадите и на крововите, меѓутоа и внатрешно на подовите на помошните објекти. Се работи, исто така, на нов систем за греење и ветрење во куќата на Робевци. Со тоа ќе обезбедиме идеални услови за самите експонати во објектот, меѓутоа и подобри услови и за вработените и посетителите, вели Патчев.
Предвидено е во објектот да биде вграден и нов алармен систем, со оглед на тоа што во него се наоѓа и „Златната соба“, поставка во која се изложени околу 500 златни и позлатени предмети од временски период подолг од 25 века, како и златната маска.
Покрај другите работи ќе се обезбеди нов видеонадзор, посовремен и нов алармен систем, особено на златната соба која ни е од големо значење за градот и републикава, каде што се чува златото на Лихнитида, додава Патчев.
Според зборовите на Патчев овој објект не е соодветен за презентирање археолошки експонати, поради тоа се очекува градот што поскоро да добие археолошки музеј, каде ќе бидат изложени големиот број предмети кои се наоѓаат во депоата далеку од очите на јавноста.
OhridNews