Во знак на поддршка на лицата кои се борат со ретки болести утре почнува националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, во чии рамки ќе биде осветлена Самуиловата тврдина, како едно од најважните обележја на Охрид.
Од утре се приклучуваме кон глобалниот синџир на осветлени објекти низ целиот свет. Во 18 часот утре ќе светне Самуилова тврдина во боите на ретките болести. Ќе светнат и локални згради од училишта, историски споменици, а оваа година ни се приклучи и Археолошкиот музеј во Скопје. И овој февруари ќе блескаме во ретките, истакна претседателката на здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ Гордана Лолеска.
Во рамки на седмата сезона од Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ по втор пат посветена на ретките болести во Охридско-струшкиот регион ќе бидат споделени нови 28 текстови за ретки болести кои се дијагностицирани во овој регион.
Кампањата е од информативно – едукативен карактер и на неа работеа над 70 еминентни професори и доктори од Клиничкиот центар Мајка Тереза од Скопје, како и докторите од здравствените установи од нашиот охридско – струшки регион – Охридската и Струшката болница, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо” – Охрид, ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања “Свети Стефан” – Охрид како и доктори од многу приватни ординации од општина Охрид и општина Струга.
Н.С.Ј.