„Самсунг“ патентираше дизајн на паметен телефон со облик на буквата ’Г‘, со екран на преклопување. Станува збор за флексибилен екран којшто се отвора настрана, а кога е во „затворена положба“ е преклопен кон задниот дел на уредот.
Функциите предвидени за овој уред потсетуваат на „Ел-џи винг“, бидејќи тој секундарен екран понекогаш се користеше за отворање секундарни апликации во помал прозорец или за прикажување дополнителни информации при видео игри, видеа и слично. Паметниот телефон може да се користи исправено или странично со помошен екран што се отвора лево или нагоре.
Според скиците, има три камери и ЛЕД-блиц, но нема повеќе подробности за нив. Познато е и дека има дводелна батерија, а екранот на преклопување би бил направен од ултратенкото стакло на „Самсунг УГТ“, истиот заштитен слој што се користи за телефоните „Галакси Зи Фолд 3“ и „Зи Флип 3“ на „Самсунг“.
Нема податоци за тоа кога уредот ќе се најде на пазарот.
OhridNews