Ракометниот клуб Вардар следната сезона ќе ја започне со нов сопственик и со амбиции како претходно, да атакува на сите титули каде се натпреварува. Од таборот на „црвено црните“ ќе замине досегашниот претседател Сергеј Самсоненко и ќе се врати долгогодишниот предводник на „вардарци“, Михајло Михајлоски.

Сега сме во фаза на предлог-договор и би требало најкасно до 1 јуни да се преземе клубот. Клубот ќе биде преземен без долгови, Сергеј ќе си ги регулира претходните долгови на играчите. Јас веќе имав состанок со играчите и кажано им е дека ќе сториме се за да привлечеме партнери кои ќе ни помогнат да го одржиме клубот на високо ниво. – изјави Михајлоски.

Михајловски најави задржување на курсот по кој Вардар чекори неколку сезони.

Амбициите се да остане квалитетен Вардар, на ова ниво, да се бори за четврт-финале во ЛШ, на фајнл-фор во СЕХА-лигата и за шампионска титула и за Купот на Македонија. Тоа се амбициите, па сега ќе видиме како ќе оди реализацијата. – додаде старо-новиот претседател.

Михајловски додаде дека тренер на екипата останува моменталниот предводник Стефче Алушовски а до 20 мај ќе се знаат кои ракометари ќе останат. Потоа, ќе се побараат имиња на трансфер пазарот кој ќе одговараат на филозофијата од Алушовски и двократниот европски првак.

OhridNews