Вкупно 360 лица, од кои 120 со инвалидност кои ќе креираат сопствен бизнис и дополнителни 240 невработени лица кои ќе се вработат во новоформираните претпријатија, ќе овозможи програмата Самовработување на лица со инвалидност.

За реализацијата на оваа програма Владата предвиде 59 милиони и 280 илјади денари, а право на учество имаат сите невработени лица со инвалидност.

Програмата денеска ја промовираа вицепремиерот задолжен за економскки прашања Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Попоски и Алесандро Фракасети, заменик-постојан претставник на УНДП во Македонија.

Вицепремиерот Пешевски информира дека мерката има за цел да се зголеми вработеноста и можностите на пазарот на трудот за невработените од оваа група на лица.

– Владата континуирано спроведува и ќе продолжи да реализира проекти чиј главен фокус ќе бидат лицата со инвалидност, а со цел нивна поуспешна интеграција во општеството и овозможување еднакви услуги за живот и работа, рече Пешевски и додаде дека особено важно е да им се даде шанса на лицата со инвалидност за да ги покажат своите знаења и вештини.

Тој потсети дека проектот „Македонија вработува“ ги идентификува сите групи на невработени лица, а особен фокус е ставен на најчувствителните и најранливите групи на невработени во Македонија, меѓу кои се и лицата со инвалидност.

Министерот Спасов информира дека предноста на Оперативниот план за услуги на пазарот на трудот и активни програми и мерки за вработување за 2015 година е во тоа што во него се предвидени различни видови на програми и мерки кои се насочени на различни целни групи кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот.  

– Сите учесници во оваа програма се стекнуваат со право да добијат обука за претприемништво и развој на бизнис идеја и од нив ќе бидат избрани дел за поддршка за изработка на бизнис план. Невработените лица кои доставиле најдобри бизнис планови ќе добијат помош при регистрација на сопствен бизнис и ќе добијат грант од 310 илјади денари. Лицата ќе добијат индивидуална поддршка преку обезбедување континуирани консултантски и менторски услуги, истакна Спасов.

Кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кои имаат потреба од дополнителни вработувања можат да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на компанијата и дополнително вработување на најмногу две лица. Во тој случај средствата на вкупниот грант ќе изнесуваат 494 илјади денари од кои 310 илјади денари за реализација на самовработување и отворње на бизнисот и 184 илјади денари за дополнителни две вработувања, или по 92 илјади денари по лице.

OhridNews