На 21 септември (понеделник) во 20 ч. во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Билјана Билбилоска.
На изложбата со наслов “Неправилен ритам” ќе бидат изложени слики направени во текот на 2019-2020 година. Ќе се изложат слики изработени во техника акрил на платно и на картон.
Тематски, изложбата, преку боите води дијалог со музиката. Преку аналогијата на овие две нешта, ги сместува боите и звуците во една иста рамка и на иста фреквенција. Музиката е надоврзување на сликите, своевидна екстензија, дел од просторот, иако временски несместлива во три просторни димензии. Ритамот како ликовен елемент варира од праволиниски и правилен до непостојан и непредвидлив, дисперзиран конкавно, со тенденција да ги надмине физичките рамки на платното и да ја продолжи својата приказна надвор, вели ликовната критика.
Прелеани бои во синкопиран ритам. Слеани во легатиран хармоничен ритам кои така поврзани создаваат неправилна ритмичка целина. Ликовна конструкција на музички момент. – ќе рече композиторот и режисер Глигор Кондовски.
Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Досега имала четири самостојни изложби, а групно се претставувала во Македонија, Србија, Турција, Романија, Франција и во САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до крајот на следната недела.
На изложбата ќе се влегува поединечно или максимално во група од двајца, согласно мерките за заштита од Ковид.
OhridNews