Утре во 18 часот во Националната установа Центар за култура “Григор Прличев”- Охрид ќе биде претставена самостојната изложба на Билјана Толевска-Наумовска, уметник од Битола. Ќе бидат изложени триесеттина дела работени во техника-лавиран туш и акварел.
Билјана Толевска-Наумовска е член на меѓународната ликовна асоцијација – Mail Art, како и на меѓународната асоцијација Ex Libris.
Оваа нејзина самостојна изложба беше поставена во Битола и Ресен а со нејзиното промовирање во Охрид таа го заокружува концепт за културна и ликовна соработка во овој наш регион.
Досега оваа наша млада авторка успешно се има претставено и на повеќе групни изложби во: Франција, Италија, Полска, Турција, Умгарија, Андора …
Низ богатиот творечки опус, таа создава специфично, оригинално и виртуозно, особено во работата со лавиран туш и акварел.
Нејзиниот уметнички пристап е со поетска и емотивна мотивска ориентација и инспирација нежно и суптилно пренесена.
Со јасни потези и специфичен уметнички израз таа ги открива вистинските уметнички традиции кои некогаш се создавале во славењето на животот и постоењето, нешто што денес е суштинско за нашиот вистински опстанок.
OhridNews