Поради развод или смрт на брачниот другар, голем број охриѓани се соочуваат со тешката животна судбина, да бидат самохрани родители. Иако се работи за една специфична општествено-социјална состојба во семејството, самохраното родителство не е привилегирано со посебни законски прописи.

– Законот за брак и семејни односи ги регулира правата на децата во еднородителските семејства настанати од развод, така што на децата од таквите семејства им се обезбедува финансиско издржување од родителот со кој не живеат. Што се однесува пак за самохраните родители кои останале сами поради објективни причини, државата нема обезбедено посебни социјални привилегии. Посебна финансиска помош е обезбедена само за децата до наполнети три години. -објаснуваат од охридскиот Центар за социјални работи.

И во Законот за работни односи нема посебни одредби кои утврдуваат посебни привилегии за самохраното родителство. Економскиот статус на самохраните родители се опфаќа само во некои времени проекти или програми. Таква беше и Програмата за намалување на невработеноста што на почетокот од оваа година ја спроведе Агенцијата за вработување на Република Македонија.

 -Беше упатен јавен повик до сите заинтересирани работодавачи, кои имаат потреба за вработување на неопределено работно време, да вработат невработени самохрани родители. Според програмата секој работодавач, кој излезе во пресрет на оваа програма, имаше право на финансиски субвенции, што државата ја издвои за таа намена. Месечниот износот на субвенцијата по едно лице беше 11.200 денари за времетраење од шест месеци. –објаснуваат од Агенцијата за вработување во Охрид. Иако на листата во охридскиот центар за вработување има евидентирано самохрани родители, за оваа програма за вработување немало голем интерес.


Во поглед на домувањето семејствата со еден родител, во мал дел се опфатени  во социјалната мерка за доделување на Социјални станови. Од охридската единица на Јавното претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор велат дека сеуште не се знае колку од социјалните станови кои се градат во Охрид, ќе се доделат на самохрани родители.
Освен претходно споменативе мерки самохраните родители немаат никаква друга привилегија во општеството и со други зборови се оставени да сами во борбата со својата сурова судбина.

                        Е. Е.