Пожарот во Охрид, над селото Косел, повторно се распламнува изјавидиректорот на Центарот за управување со кризи – ЦУК, Стојанче Ангелов.
Пожарот над Косел, Охридско, повторно се распалува. Од време на време локалните власти со поддршка на хеликоптери на МВР и на Република Србија успеваат да воспостават контрола, но за жал истиот се уште не е изгаснат, изјави Ангелов.
На пожарот кај Косел денеска дејствуваа хеликоптерот Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици на МВР и хеликоптерот Х215 од хеликоптерската единица на Српското министерство за внатрешни работи, како и авиони канадери.
Како што информира МВР, во 29 циклуси само хеликоптерот Бел 412 исфрли над 43 тони вода, со што дел од краците на пожарот беа ставени под контрола.
Во земјава активни се осум шумски пожари, од вкупно 13 кои се гаснеле во текот на денот, информираше директорот на ЦУК.
Пет пожари се изгаснати, а како најтежок пожар Ангелов го посочи пожарот во Македонски Брод, во атарот на селото Брезница, кој му се заканува на селото, но вели убеден е дека селото ќе биде одбрането.
Овде во текот на целиот ден дејствуваат неколку хеликоптери, ефектите од нив се мали, но тука се наоѓа 40-член унгарски тим пожарникари кои даваат голем придонес со поддршка од 50 македонски професионални војници, рече Ангелов.
Друг тежок пожар, додаде, е на територијата на Општина Демир Хисар, на Илинска Планина, каде што ситуацијата е тешка, а во гаснењето активно учествува локалното население, локалните пожарникари, претставници од Национални шуми, но самата вегететација, вели, создава чад и го отежнува функционирањето на воздухопловите.
Гори и во Богданци, кај месноста Погана и таму се дејствувало со хеликоптери, но како што рече, поради ветрот морале да се вратат. Пожар има и во Гевгелија, а огнот се приближува до воен објект, но објектот го штити војската., вели Ангелов.
Г.М.