И по два дена од почетокот на имплементацијата на ХАСАП системот задолжителен за сите индустриски капацитети, трговски и угостителски објекти кои имаат допирни точки со храната, сепак, европските стандарди во Охрид се делумно испочитувани.

На охридскиот пазар се уште може да се сретне несоодветно заштитено сирење и маслинки. Белите печива се продаваат без хартиена заштита, а со оглед дека стартува и забраната за примена на најлонските ќеси, бевме сведоци на уште една нехигиенска постапка. Дел од купувачите во текот на вчерашниот ден купените печива ги носеа во рака.

На субјектите кои се вклучени во производството, трговијата и транспортот на храна им е даден преоден период за адаптација и целосно спроведување на ХАСАП стандардите, најдоцна до мај годинава.Дирекцијата за храна  засега не презема санкции, но е на терен и им укажува на субјектите за недостатоците. По 1 Мај, ќе се изрекуваат  казни согласно Законот за безбедност на храната.

Максималната казна за правниот субјект е 5.000 евра, а за одговорните лица во правниот субјект е 3.000 евра. Исто така,  ќе се изрекува забрана за вршење дејност, а ќе се затвораат и објектите каде што храната не е соодветно обезбедена.

Досега само 5 проценти од фирмите и трговците ги вовеле ХАССАП принципите.Во министерството за здравство велат дека нема да ги признаваат лиценците од приватни консутантски компании и додаваат оти единствено, министерството ќе ги врши обуките и ќе ги издава лиценците.

Македонија ги презема европските нормативи за да им обезбеди поквалитетна храна на граѓаните, а со тоа и да ја подобри здравствената состојба. Труењата со храна претставуваат посебна група заболувања чии предизвикувачи се инфективни микроорганизми, кои во погодни услови се размножуваат во храната или во неа излачуваат токсини.

А.Ристоска