Самитот на претседатели на државите од Централна Европа, што вчера заврши во Охрид, беше најголем политички настан што некогаш воопшто се одржал во Македонија. На него учествуваа 17 претседатели на држави и околу 350 членови на делегации. Настанот го обезбедуваа околу 3000 полицајци, специјален тим од педесетина кувари се грижеа за исхраната, а беше ангажиран и дополнителен персонал од стотина луѓе. Самитот го следеа 150 странски и педесетина домашни новинари.

По заминувањето на последната делегација од хотелот „Инекс“ каде се одржуваше пленарната расправа започна голема акција на расчистување. Силното обезбедување се повлече за само петнаесетина минути и изгледаше како во “Инекс“ ништо да не се случило. Остана само голем број опрема која забрзано ја демонтираа повеќе екипи. Најмногу работа имаа во прес центарот каде беа поставени стотици интернет и телефонски врски, телевизиски приемници, компјутери и друго.


започна големото расчистување на опремата

Голем настан, големи потреби. Македонија и Охрид уште еднаш се покажаа како добри домаќини и организатори. И политичарите и новинарите си заминаа со силни импресии иако имаше и ситни пропусти, кои се вообичаени за настани од ваков обем. Нас најсимпатичен пропуст ни беше грешката во пропагандниот материјал на кој наместо Самит 2008 пишуваше Охридски Самит 2009 година.


најсимпатичниот пропуст на Самитот

ohridnews
фото: Васко Бујароски