Членството во НАТО е нашата заедничка иднина истакна премиерот Заев во воведното обраќање на Самитот на земјите од регионот што денеска се одржа во Подгорица, Црна Гора.
-Интеграциите во НАТО бараат од нас меѓусебна соработка. Бараат политики на мостови. Бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионалната и глобалната безбедност. Бараат свесност од наша страна, како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави, да придонесуваме кон светскиот мир. Со нашето присуство овде, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ние велиме: Да, подготвени сме да соработуваме во интерес на граѓаните на нашите држави и низ интеграциските процеси, да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО. – рече Заев.
Според него членството на Црна Гора во НАТО е охрабрувачка порака на Алијансата дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесуваат за колективните потреби и за сопствените граѓани.
-Интеграциите на Република Македонија во НАТО и во Европската унија се стратешки цели за нашата држава. Сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон НАТО и ЕУ. Новата Влада на Република Македонија, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓани и иднината на своите деца. Работиме темелно, посветено и енергично. За да ги забрзаме интеграциите во ЕУ и НАТО на домашен план го почнавме Планот 3-6-9 за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани.
На регионален план се отворивме кон соседите за зацврстување и продлабочување на соработката, пријателството и довербата. Вчера потпишавме Договор за добрососедски односи со Бугарија, но паралелно ја интензивиравме комуникацијата и со другите земји од регионот. Овие чекори се во насока на развој на Република Македонија но и на развој на регионот. – додаде Заев.
Тој најави дека Република Македонија ќе го зголеми буџетот за одбрана и ќе го зголемиме учеството во мисиите на НАТО, како и дека ќе ги интензивира односите со земјите членки на Јадранската повелба.
OhridNews