Во Охрид денеска започна Самитот за земјите од Југоисточна Европа-ЈЕИ. Тема на самитот е “ Долгорочна енергетска стабилност-предуслов за економски развој“, за што во Охрид утре ќе разговараат шефовите на држави и нивни заменици од Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Србија и претставници на директоратот за проширување при Европската Комисија.
Побарувачката за енергија во земјите на ЈЕИ постојано расте, а проценките се дека се потребни околу 30 милијарди евра за да се покрие тековното зголемување на потребите за енергија. Експертите предупредуваат дека ќе има дефицит на пазарот на електрична енергија од кој непосредно зависат земјите од ЈЕИ.
Месиќ и Тадиќ се сретнаа во апартманот на хрватскиот п-тел
„Сите познати предвидувања укажуваат дека трендовите на зависност на регионот не само што ќе опстојат туку и ќе се интензивираат во наредните децении“, рече на отворањето на пленарната расправа македонскиот претседател Бранко Црвенковски. Тој истакна дека Македонија е увозно зависна земја и дека од државен интерес таа да иницира и да учествува во регионалниот пристап во решавањето на енергетскиот проблем. Црвенковски најави дека целта е Македонија да биде дел од главните транзициони коридори за пренос на енергенси и дека има начелен интерес за свое учество во изградба на нови енергетски производствени капацитети и на територијата на други држави во регионот.
Регионалното поврзување – приоритет
Сите ученици на самитот во дискусиите потенцираа дека регионалниото поврзување на енергетскиот пазар е приоритет од кој зависи и идниот економски развој на земјите од ЈЕИ. Потпретседателот на Бугарија Ангел Марин рече дека Бугарија ќе продолжи со развој на никлеарната енергија и ја најави изградбата на нуклеарната централа Белане со снага од 2000 мегавати од што корист ќе има целиот регион.
Се очекува Самитот да заврши со усвојување Декларација со која регионот ќе поврди дека обезбедувањето на енергетска безбедност и и регионално поврзување остануваат приоритет за земјите од ЈЕИ
Настанот го покриваат скоро сите позначајни европски и светски медиумски куќи, вклучувајќи ги Reuters и BBC.
С. Костоски
Г.Момироски