Најголемиот Самит на НАТО во историјата на алијансата започнува денеска во ромaнската престолнина Букурешт. На тридневниот Самит на НАТО ќе учествуваат 26 претседатели и 28 премиери, меѓу кои и шефот на македонската држава Бранко Црвенковски и на Владата Никола Груевски.
На самитот ќе присуствуваат и министри, први луѓе на меѓународни организации и уште 3.000 други официјални претставници, а настанот ќе го следат над 3500 акредитирани новинари. Во главниот град на Романија воведени се посебни мерки на безбедност за што се ангажирани 19.000 полицајци и 1.600 романски специјалци на кои ќе им помагаат уште 4.000 припадници на безбедносните служби кои се подготвени за справување со најавените протести на антиглобалистите. Над Романија и над целиот регион за време на Самитот ќе патролираат авиони-радари АВАКС, како и десетици американски борбени авиони. Самитот кој Романија ќе ја чини 26 милиони евра ќе се одржува во Парламентот во Букурешт кој по Пентагон е втора најголема зграда во светот со 1.500 простории.
На самитот во Букурешт се очекува земјите од Јадранската група, Македонија, Албанија и Хрватска да добијат покана за члентсво во НАТО. Тројната покана неизвесна ја прави Грција која се противи на приемот на Македонија во алијансата доколку не биде постигнат договор за името кој ќе биде по мерка на Атина. Отворените закани за вето од страна на Грција го вознемирија официјален Вашингтон кој деновиве врши силен политички притисок врз Скопје и Атина да биде постигнат компромис во спорот со името. И додека Македонија дава позитивни сигнали за последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц, за Грција предлогот земјава во меѓународната комуникација да се ословува како Република Македонија-Скопје е неприфатлив. Во решавање на грчко македонскиот спор од кој зависи и успешноста на НАТО самитот се вклучија највлијателните светски политичари. Германскиот канцелар Ангела Меркел телефонски разговараше со премиерте на Македонија и Грција, Никола Груевски и Костас Караманлис и ги повика да се обидат да најдат решение за спорот, поттикнувајќи ги во Букурешт да влезат во директни преговори. Би била погрешна порака за регионот ако не се поканат заедно трите земји, е официјалниот став на германската влада.
Во меѓувреме, грчкиот премиер Костас Караманлис испрати писмо до лидерите на земјите-членки на НАТО во кое ја обвини Македонија за неконструктивност. Во обид да се изнајде компромисно решение не се исклучува на самитот да дојде до директна средба помеѓу премиерите на Грција и Македонија, Караманлис и Груевски под покровителство на американскиот претседател Џорџ Буш. Исто така не се исклучува и можноста Македонија да биде примена во НАТО под привремената референца ПЈРМ како преодно решение до постигнување конечен договор.
ohridnews