Кошаркарот Предраг Самарџиски го замени Перо Антиќ на капитенската функција и  ќе ја предводи македонската кошаркарска репрезентација на предквалификацискиот турнир во Каракас.

„Можеби имам само 26 години, но зад мене е веќе деветгодишно искуство во настапите за репрезентацијата, што не е мал период. Играв и во дивизијата Б, играв и на континентални шампионати, што значи дека знам како е да се биде репрезентативец и знам што треба да прави капитенот. Мислам дека јас сум некоја спојка на генерациите во националниот тим, поради што ќе се обидам да го искористам своето искуство за да им го пренесам на помладите, односно да им го кажам тоа што сум го научил играјќи изминатите девет години во жолто-црвениот дрес“, рече за веб порталот мкд.мк  новиот капитен Самарџиски.

Самарџиски е петтиот капитен на најсилната селекција по Јорданчо Давитков, Петар Наумоски, Врбица Стефанов, и Перо Антиќ,

Македонската кошаркарска репрезентација замина за САД и Порто Рико каде ќе го одработат последниот дел од подготовките пред настапот во Каракас на предолимпискиот турнир кој почнува на 2 јули.

Нашата репрезентација на турнирот е во група со Ангола и Нов Зеланд. Во конкуренција на 12 национални тимови, најдобрите три патуваат на Летните Олимписки во Лондон 2012.

М.П.