Бројот на граѓаните кои примиле прва доза на вакцина против Ковид-19 не е доволен, но уште понезадоволително е тоа што е многу мал бројот на оние кои примиле трета доза, која е најсигурниот штитник особено за пациентите со коморбидитети, изјави вечерва министерот за здравство Беким Сали, упатувајќи апел до оваa група граѓани што побрзо да се обратат на вакциналните пунктови за да се заштитат.
Нашите првични анализи, кои не се финални, ни даваат до знаење дека третата доза е најсигурниот и најбезбедниот штитник. Апел до сите наши граѓани, ги молиме сите што имаат коморбидитети, што побрзо да се обратат кон сите вакциналните пунктови за да се заштитат, изјави Сали во одговор на новинарско прашање, по примопредавање на првиот дел од донацијата од Италија од 250 илјади дози вакцини против Ковид-19.
На прашањето колку пари се трошат на уништување на вакцини, со оглед на тоа што кон крајот на месецот ќе бидат уништени 300 илјади вакцини, Сали рече дека сега не е момент на финансиска калкулација, но информираше дека уништување на една вијала од шест дози вакцини чини 0,29 денари.
Сметаме дека не е момент на финансиски калкулации. Ние сме во период на една пандемија која трае, иако одредени држави веќе ја сметаат за завршена приказна, но ние се занимаваме со терцијални или секундарни работи, а приматот го забораваме. Уништувањето на вакцините скоро и да не чини многу колку што се пропагира. Една вијала која што е шест дози на вакцини чини околу 0,29 денари и мислам дека не би требало да се прави некоја политика за уништувањето на вакцини, колку што е важна навремена вакцинација на нашиот народ, додаде министерот за здравство.
Инаку, денес во земјава пристигнаа вкупно 250 илјади дози вакцина против Ковид-19 од производителот „Фајзер“ како прв дел од донацијата од Италија, што се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ, а во среда се очекува да пристигне и втората пратка.
Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на италијанската влада и им порача на граѓаните дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.
OhridNews