Пратен е допис до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“, а Агенцијата за лекови Малмед веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација.

Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана постапката, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во Клиничката болница „Жан Митрев“ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден кога истекува рокот за да се изјасни болницата, изјави попладнево на прес-конференција министерот за здравство Беким Сали.

Целта на извештајот, како што рече, ќе биде да ја констатира фактичката состојба и да ги адресира сите сознанија до кои ќе се дојде.

Од Извештајот очекувам неколку елементи како краен резултат. Јасно утврдување на системски недоследности за кои одговорно тврдам дека сите кои се во моја надлежност како министер ќе ги исправам во најкус можен рок. Извештајот ќе има за цел да ја констатира состојбата и јас лично ќе го доставам до надлежните институции за понатамошно постапување. МЗ и јас како министер моравме да ги добиеме сите информации за да ја имаме севкупната слика за на јавноста да и доставиме само издржани и релевантни информации. И уште поважно, семејствата на пациентите заслужуваат да имаат транспарентна севкупна информација, рече Сали.

Најави прес-конференција во среда во 11 часот кога се очекува да бидат објавени повеќе детали.

Сали ја поздрави и постапката на Основното јавно обвинителство за отворање на предмет за овој случај.

Во Република Северна Македонија нема недопирливи, а одговорност доколку се утврди ќе има, порача Сали.

Владата, претходно, го задолжи Министерството за здравство во рок од два дена да достави информација во врска со случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 61-ва седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје. Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај, се вели во соопштението од Владата.

По објавувањето на сторијата „Нечиста крв“ на ИРЛ, Обвинителството оформи предмет.

Истражувањето на ИРЛ покажа дека приватната болница, која имаше најмногу пациенти за време на Ковид-19 пандемијата и во која лекувањето беше исклучително скапо, го применува методот на хемофилтирација (филтрирање на крвта), кој бил клиничка студија. Клиничките студии не биле пријавени и одобрени во МАЛМЕД. Скапото лекување на клиниката, кое чинело од 12 илјади евра па нагоре, всушност било дел од клиничка студија, во која Жан Митрев навел дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето.

OhridNews