Еден американец инсистирал сметката од 476 долари во една продавница да ја плати со непостоечка банкнота од милион долари, по што бил уапсен, соопштила полицијата во Северна Каролина. Локалната полиција соопштила дека Мајкл Фулер бил многу упорен кога сакал да ја плати сметката со банкнота од милион долари, откако во продавницата купил правосмукалка, микробранова печка и уште некои работи. При тоа велел дека банкнотата е вистинска.
Инаку, моментално банкнота со најголема номинална вредност во оптек е од 100 долари, навела американската агенција, прецизирајќи дека американската влада во 1969 година престанала да печати банкноти со номинална вредност од 10 илјади долари. Откако во продавницата одбиле да ја примат банкнотата, повикале полиција која го уапсила Фулер. Тој бил обвинет дека сакал да се стекне со имот користејќи непостоечка банкнота и деновиве треба да се појави пред суд.