„Животот нема реприза, но за среќа го има минатото. Она време што било и поминало на кое повеќе, помалку или воопшто не се сеќаваме, на тоа време се обидувам да ве потсетам преку „Сага за Охрид 2“, вели авторот на книгата, познатата новинарка Валентина Неловска, која вчера во Спомен домот „Браќа Миладиновци“ во Струга го промовира второто продолжение на приказните за познатите места и ликови во Охрид и Струга и поширокиот регион.

За книгата, чие прво издание беше објавено пред две години врз основ на телевизиските емисии на ТВМ чиј автор е Неловска веќе 15 сезони, зборуваше професор д-р Павле Митрески, рецезент на книгата.

  • Историските телевизиски прилози обработени во проза наидоа на добар прием во  јавноста. Затоа Неловска одлучи да објави и преработи дел од другите  телевизиски емисии на кои е автор и уредник. Со второто продолжение на книгата „Сага за Охрид “ се збогатуваат уникатните  и мошне содржајни стории за градот, но и пошироко како што се насловите посветени на Струга, струшките села Вишни и Глобочица, Дебрца. Преку тие стории Неловска не воведува во вистински историски приказни, факти и реалности преку многубројните контакти со луѓе кои живеат во Охрид и регионот, а кои поседуваат многу богати историски материјали. Во книгата се поместени разни теми со различни мотиви  економски, културни, историски  кои се поврзани со животот  на луѓето и  семејствата, приложени со навидум „ситни“ приказни , но  искрени историски вистини, вели рецензентот д-р Митрески.

Авторот Валентина Неловска, со голема љубов раскажува за познатите и помалку познати места и жители на Охрид и Струга, како што вели, за да ги запознае и потсети сегашните и идни генерации, но и да ги сочува од заборавот.

  • Едноставно, мојата голема љубов кон белиот град, во кој се родив и израснав, ја преточив во книга. Во неа со голема посветеност во мојата новинарска работа, како автор  на емисијата „Печат“ која се емитуваше на ТВМ телевизија 15 сезони, ги потсетувам читателите преку кажувањата на несебичните, почитувани охриѓани на  подзаборавени моменти и факти од неговото милениумско пулсирање. Со „Сага за Охрид 2“ ќе имате уште една можност да  патувате низ минатото на градот кое ќе Ви ја стопли душата, вели Неловска.

Книгата „Сага за Охрид 2“ е печатена во ПНВ Публикации – Скопје, автор на насловната страница е Ѓоко Симјаноски, а издавач е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Може да се набави во книжарата „Просвета“ во Охрид.

Т.К.