Во пресрет на Саемот на виното Отворен Балкан (ОБ) од 1 до 4 септември во Белград што го организираат владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, во Србија сметаат дека овој настан преставува една од првите конкретизации на идеите и стратегиите на ОБ, како и можност за заеднички пласман на пазарот на виното и храната, јави дописникот на МИА од Белград.

Министерката за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ, изјави дека овој настан е единствен не само поради презентацијата на винскиот гастрономски туризам, туку и поради промоцијата на туристичките дестинации на земјите од Отворен Балкан.

Винската визија Отворен Балкан е еден од првите заеднички чекори во конкретизирање на идеите и стратегијата на „Отворен Балкан“. Оваа манифестација е резултат на заедничката работа на три земји и идеална можност не само да се позиционираат балканските вински рути на светската мапа на вински тури, туку и нашите земји подобро и полесно да се утврдат на светската мапа на атрактивни туристички дестинации, рече Матиќ.

Според соопштенеито на нејзиното министерство, таа оцени дека очекува „Wine Vision Open Balkans“, кој на првата година од одржувањето ќе собере изложувачи од регионот, но и од целиот свет, да стане традиционална манифестација и еден од неизбежните европски фестивали за гастрономија и туризам.

Целта на саемот е да се прослави врвната изработка на мајсторите во производството на најдобрите вина и да се промовира уникатен спој на вкусови и ароми кои го претставуваат духот на Балканот, неговата географија и богатството на сорти.

Првиот меѓународен саем на вино ќе им овозможи на лозарите, производителите на вино, претставниците на винариите, енолозите, сомелиерите, како и на дистрибутерите и трговците со вино од регионот и пошироко, да се соберат, вмрежуваат, споделат искуства, да се претстават пред пошироката јавност и да го прошират својот бизнис, се наведува во соопштението.

Претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж изјави дека претстојниот меѓународен саем за вино „Винска визија ОБ“ ќе покаже дали овие три земји можат заеднички да излезат на пазарот со овој производ.

Денес ние сме динамичен економски регион кој има добра туристичка понуда. Денеска сме регион на решенија, добри иницијативи кои можат да понудат многу, рече Чадеж во гостувањето на РТС.

Тој додаде дека една од целите на настанот е земјите-членки на Отворен Балкан заеднички да излезат на пазарот и како да на најдобар начин ги понудат своите производи и да бидат добри домаќини на туристите.

Чадеж најави дека заедно со винската манифестација ќе се одржи и саем на храна, кој треба да го покаже начинот и духот на подготовката на храната на овие простори.

OhridNews