Во Домот на поезијата во Струга изминатиот викенд започна првиот Саем на книгата и Неделата на поетски документарни филмови посветени на поезијата. Овие активности се дел од програмата на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата. Летниот саем на книгата првпат се одржува годинава, а целта, според организаторите е да се поттикне читателската публика и перцепцијата за поезијата преку книгите.
Освен книжевните промоции и прокциите кои ќе одржуваат до среда, во рамки на саемот ќе биде организирано и предавање за поетскиот филм како и Работилница за рачно изработена хартија „Создавање книга“.
Струшките вечери на поезијата официјално ќе започнат во четврток на 21-ви август со традиционалното засадување на дрвце во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот, јужнокорејскиот поет Ко Ун, а ќе биде отворена и изложба на Сашо Димоски. Истата вечер во предворјето на Домот на поезијата свечено ќе се означи почетокот на оваа најреномирана поетска манифестација во регионот. По свеченото отварање ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Веднаш потоа ќе се одржи Музичко – поетски перформанс, по што ќе следува „Ноќ без интерпункција“.
Во петок на 22-ри август во хотелот „Дрим“ ќе биде организиран Симпозиум на тема „Поезијата и политичкото“. Веднаш потоа планирано е меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта. Истиот ден во хотелот „Дрим“ во текот на вечерните часови ќе се одржи Промоција на списанието „СУМ“ кое е посветено на Струшките вечери на поезијата, по што ќе се прикаже проекцијата Поетски времеплов на МРТВ. Потоа ќе следува Омаж на македонските поети Ацо Караманов, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски и починатите лауреати на СВП Шејмас Хини, Тадеуш Ружевич, Васко Граса Моура и Хосе Емилио Пачеко.
Веднаш по омажите на Летната сцена на „Дом на поезијата“ ќе се одржи вечер на македонската поезија односно поетски портрети на македонските поети Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ, по што е планирана „Вечер на современата словачка поезија“ како и Поетски перформанс на Марсио-Андре и Ричард Кита. Точно на полноќ повторно ќе се одржи „Ноќ без интерпункција“.
Во сабота на 23-ти август во хотелот „Дрим“ ќе се одржи Портрет на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“за 2013 година Ристо Јачев и Портрет на добитникот на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО за 2014 година Хари Ман . Истиот ден ќе има Прогласување на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2014 година и Промоција на поетските книги од едицијата „Плејади“. Потоа гостите на фестивалот ќе заминат за Охрид каде што ќе има Поетско читање пред црквата „Св. Јован Канео“, по што во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Поетскиот портрет на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2014 година Ко Ун.
Во недела на 24-ти август, во текот на попладневните часови ќе се прогласи најдобрата песна посветена на виното „Ин Вино Веритас“, а истата вечер ќе се одржи меѓународниот поетски митинг „Мостови“ на кој ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, а ќе биде соопштен и добитникот на наградата „Енхалон“.
Во понеделник на 25 август планирана е „Поезија на пат“ односно Поетски читања на учесниците на СВП во повеќе градови во Македонија. Манифестацијата завршува на 26-ти август во Скопје со Поетско матине во манастирот „Св. Андреја“ во Матка и Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост.
OhridNews