Членот на Лабуристичката партија, Садик Кан, е избран и стана првиот во историјата градоначалник на британската престолнина Лондон од муслиманско потекло, покажаа конечните резултати од изборите, пренесува „Макфакс“.
Садик Кан, 44-годишен син на пакистански доселеник возач на автобуси, добил 1.310.143 гласови, додека неговиот главен ривал, 41-годишниот конзервативец Зак Голдсмит, син на милијардерот Џими Голдсмит, добил 994.614 гласови
Во текот на острата кампања во којашто Кан беше обвинуван за врски со исламските екстремисти, овој поранешен борец за човекови права вети, во првиот говор по официјалното објавување на конечните резултати, дека ќе биде „градоначалник на сите жители на Лондон“.
„Овие избори не минаа без полемики, а јас сум горд што Лондон денес избра надеж а не страв, единство а не поделби. Се надевам дека повеќе нема да се соочуваме со толку тежок избор. Стравот не ни носи повеќе сигурност, тој само нé прави послаби, а политиката на страв не искажува добредојде во нашиот град“, изјави Кан по објавувањето на резултатите во лондонски Сити Хол.
Телевизиските камери го забележаа моментот кога додека Кан ја даваше изјавата, кандидатот на крајната десничарска партија Britain First, Пол Голдинг, кој стоеше веднаш зад него со другите кандидат, му го заврти грбот.
Челникот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин на Twitter му ја честиташе победата на Кан, истакнувајќи дека „одвај чека да започне со него да соработува за Лондон да стане град кој ќе биде праведен за сите“.
Претставник на Тутинг, јужен лондонски кварт, Кан на должноста градоначалник на британската престолнина ќе го замени харизматичниот и ексцентричен конзервативец Борис Џонсон, кој последните месеци се посвети на кампањата за излегување на Велика Британија од Европската унија, за што ќе се гласа на референдумот на 23-ти јуни.
OhridNews
извор:„Макфакс“