Американската влада со загриженост ги следи политичките превирања во Македонија со аферата за прислушување и случајот „Пуч“, според портпарол на Стејт департментот, јави Гласот на Америка на македонски јазик, пренесува „Макфакс“.
Официјален Вашингтон смета дека настаните покренале сериозни прашања за македонските граѓани, но и за меѓународните пријатели и партнери на Македонија.
„Стејт департментот ги повикува македонските власти да се придржуваат до највисоките стандарди на правната држава, транспарентноста, заштитата на слободата на говорот и судската независност, како и да обезбедат интегритет на демократските процеси во Македонија“, вели портпаролот а Стејт департментот.
Според оценката на портпаролот, ова е можност македонските парламентарни, судски и владини институции да покажат дека можат да одговорат на овој предизвик и да го почитуваат законот во сите инстанци, како и да обезбедат транспарентност, праведност и подеднаков третман на сите свои граѓани.
За извештаите во македонските медиуми дека САД, во контекст на политичката ситуација, би можеле да поништат визи на македонски политичари, судии, новинари, бизнисмени и други за коишто постојат сомневања за корупција, перење пари и кршење на човековите права, американскиот владин претставник укажува на реакцијата на Амбасадата на САД во Македонија дека разни фактори, согласно американскиот закон, може да придонесат да не се издаде или да се повлече една виза и дека таквите информации се јавно достапни на Интернет-страницата на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот
Истиот извор наведува и дека ваквото давање на информации, согласно американскиот закон, за механизмите за повлекување на визи, не значи и дека Амбасадата се заканила дека ќе одзема визи или пак дека шпекулира за некаква постапка во иднина. Владиното лице подвлекува дека за секоја молба за виза се решава посебно, од случај во случај, согласно американските закони и дека американската влада не може да дискутира за поединечни случаи затоа што визните податоци, повторно согласно законите, се доверливи.
OhridNews
извор:„Макфакс„