Финансиската криза го тресе светот. САД и покрај државната интервенција имаат сериозни финансиски проблеми. Германија објави дека влегува во рецесија, а стагнација бележат речиси сите светски економии.

Буџетскиот дефицит на САД во октомври, првиот месец од новата финансиска година во земјата, достигна неверојатно ниво од 237,2 милијарди долари, соопштија американските медиуми, повикувајќи се на податоци, објавени од Министерството за финансии на САД. Ова е најголем дефицит во историјата на САД и е четири пати поголем од дефицитот во федералниот буџет во октомври минатата година -кој изнесуваше 56,8 милијарди долари. Еконимистите прогнозираат дека дефицитот во федералниот буџет на САД во 2009 година може да надмине еден трилион долари.

Во рецесија западна и германското стопанство.   Тамошната  статистичка служба соопшти дека Германија во третиот квартал од оваа година, третпат едно по друго, имала негативен стопанскиот раст, со што практично германското стопанство западна во рецесија, како последица на глобалниот економски застој и експанзија на кредитната криза.

Светската финаснсиска криза се одразува и  и врз Олимпијадата во Лондон во 2012 година. За да се заштеди, се намалува просторот во становите во олимпиското село, се менуваат проектите за некои од стадионите и објектите предвидени за игрите, а се размислува и за тоа како да се комплетира  главниот стадион за да може и во иднина да се користи како спортски објект што нема да носи загуба и што нема да биде товар за државата.

Економската криза во светот ќе биде главна тема на разговори на шефовите на држави и Влади на земјите од Г-20. На средбата на Г-20 што ќе се одржи во САД, се очекува да биде донесена одлука за реформа на финансискиот систем во светот.

Во услови на глобална финансиска криза Македонија во 2009 година ќе има најголем буџет во историјата. Министерот за финансии Трајко Славески вчера го предаде Предлог-буџетот за 2009 година на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Буџетот за 2009 година според предлогот изнесува 164 милијарди и 215 милиони денари, односно околу 2,7 милијарди евра. Приходите се планирани на 153 милијарди и 215 милиони денари, а буџетскиот дефицит е на ниво од 2,8 отсто во однос на планираниот БДП.

Ohridnews
фото: AP