Америка изврши ракетни напади врз воздушна база во Сирија, како одговор на наводниот хемиски напад кој се случи пред два дена во Иблиб, објавија светските медиуми, пренесува „Макфакс“.

Како што објави CNN од бродовите стационирани во Средоземното море кон Сирија биле испукани помеѓу 50 и 60 проектили од тимот „Томахавк“, а мета била пистата во воздушната база Шајрат, во западниот дел на Сирија, во околината на Хомс.

Од оваа база полетувале авионите на сириската армија за кои се верува дека учествувале во нападот со хемиско оружје во Иблиб.

Проектилите биле лансирани во 4:40 часот по сириско време.

Според првичните информации, проектилите ја погодиле метата, но засега нема информации колкава штета претрпела сириската армија.

Американците, според информациите од Пентагон, на Русите им проследиле сигнал да ги следат нападите, а неофицијално во базата која била цел на ракетните напади имало и руски војници.

Операцијата е извршена по наредба на претседателот Доналд Трамп, кој рекол дека „во витален интерес е САД да ја запре употребата и ширењето на смртоносното хемиско оружје“.

Трап, веднаш по првиот напад и се обратил на нацијата од неговата резиденција Мар-А-Лаго во сојузната држава Флорида, во која негов гостин е кинескиот претседател Си Џинпинг.

„Во вторникот диктаторот Башар ал Асад нареди да се изврши напад со хемиско оружје врз невини цивили. Во нападот е користен смртоносен гас, со кој беа загрозени животите на беспомошни мажи, жени и деца. Смртоносниот гас предизвика брутална и бавна смрт на поголем број на луѓе, вклучувајќи и деца, кои беа окрутно убиени во овој варварски напад. Ниту едно божје дете не заслужува такво нешто“, рекол Транп на почетокот на своето обраќање.

„Вечерва наредив да биде нападната воздушна база во Сирија. Од таа база беше извршен нападот со хемиско оружје. Нема сомнежи дека Сирија употреби хемиско оружје и дека ги прекрши меѓународните конвенции. Сите досегашни обиди да се смени однесувањето на Асад пропаднаа. Резултата на тоа е продлабочувањето на бегалската криза и понатамошна дестабилизација на регионот“, рекол Трамп.

Во нападот, во вторникот во покраината Иблиб, убиени беа најмалку 86 лица, од кои 30 деца, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

OhridNews
извор: „Макфакс“