САД денеска одбележуваат 14 години од терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон, што беа изведени на 11 септември 2001 година и во кои загинаа 2.977 лица.

Во рамки на одбележувањето на годишнината од терористичките напади, американскиот претседател Барак Обама ќе ја посети воената база во местото Форт Мид во Мериленд, а како што најави портпаролот на Белата куќа Ерик Шулц, американскиот претседател ќе разговара со припадниците на војската, кои секојдневно се грижат за безбедноста на земјата.

Главната церемонија, како и во претходните години, ќе се одржи во Националниот меморијален центар, што се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, со што ќе се одбележи сеќавањето на уривањето на двете „кули близначки“, нападот врз Пентагон и падот на авионот во Пенсилванија на 11 септември 2001 година.

Оддавањето почит на  жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имињата на настраданите во нападите во 1993 и 2001 година, додека вечерта два снопа сина светлина ќе бидат вперени кон небото за да потсетат на урнатите кули на Светскиот трговски центар, најавуваат американските медиуми.

OhridNews

Извор:„Макфакс“