САД не поддржуваат промени на границите на Балканот, изјави во петок американскиот амбасадор во Тирана Александар Арвизу во својот говор на Конференцијата за безбедноста на Балканот што се одржа во Тирана, пренесува „Макфакс“.

По Европската унија(ЕУ) и САД официјално побараа од албанските политичари да не употребуваат националистичка реторика во своите говори.

Американскиот амбасадор Арвизу ги повика албанските политичари да ја запрат оваа реторика бидејќи таа ги расипува односите на Албанија со соседите и поттикнува меѓуетнички тензии.

Според него, во последно време во Албанија без потреба се користи националистичка реторика, особено за време на одбележувањето на 100 годишнината од албанската независност.

„Оваа реторика има големи контрасти со позитивната улога што ја има Албанија во регионот“, рече Арвизу при тоа додавајќи дека оваа реторика не само што може да доведе до потенцијал за дестабилизација на регионот, туку ќе наштети и на угледот на Албанија.

Американскиот амбасадор во Тирана оцени дека национализмот на Балканот и понатаму е една голема сила.

OhridNews
извор:„Макфакс“