САД испратиле во Катар бомбардери од типот „Б-52“ за борба против џихадистичката организација Исламска држава, пишуваат медиумите во САД повикувајќи се на централната команда на американската армија. Ова е првпат бомбардерите коишто потекнуваат од периодот на Студената војна, да се користат во борбите против исламистичките екстремисти на Блискиот исток, од крајот на Заливската војна во 1991 година.
Одлуката за распоредување на овие моќни бомбардери е донесена откако Вашингтон реши да ги засили своите воздушни операции против Исламската држава во Ирак и во Сирија. Генералот полковник Чарлс Браун, командант на американските воздухопловни сили на Централната команда, за медиумите изјавил дека бомбардерите од типот „В-52“ се опремени со наведувани проектили кои ќе придонесат во борбата на коалициските сили против џихадистите од Исламската држава. Според него, овие летала ќе може да извршуваат широк спектар мисии, вклучувајќи стратешки напади, блиска воздушна поддршка и поморски операции.
Потполковникот Крис Карнс, портпарол на Централната команда, изјавил дека не може да го соопшти точниот број на бомбардерите кои ќе бидат распоредени во базата Ал Удејд од „оперативни безбедносни причини“. Додал дека со овој тип авиони САД ќе може да извршат напад со една до две бомби, наместо масивното неселективно бомбардирање.
„Прецизноста е критично важна во оваа војна. Таканареченото тепих бомбардирање не е ефикасно, бидејќи Исламската држава не се групира во големи групи. Најчесто се стационираат во населени места. Ние секогаш водиме сметка да ги минимизираме цивилните жртви“, рекол Карнс.
OhridNews