САД ја прекинуваат билатералната соработка со Русија за постигнување примирје во Сирија, поради тоа што „Москва не се придржува до своите обврски“, се истакнува во соопштението на портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, што вчера го потврди и Белата куќа, пренесуваат светските агенции, јавува „Макфакс“.
Од американскиот Стејт департментот додаваат дека ќе го отповикаат персоналот кој требаше да работи на остварувањето на примирјето во Сирија, но притоа САД ќе продолжат да ги користат воените контакти со Русија, со цел да се избегнат инциденти во воздухот над Сирија, каде што дејствуваат американската авијација која ја предводи антиџихадистичката меѓународна коалиција и руските воздухопловни сили кои даваат поддршка на војската на владата во Дамас.
Русија, од своја страна, ги обвини САД дека не успеале да ги спроведат клучните делови од договорот од 9-ти септември во Женева за Сирија, и оти сега се обидуваат одговорноста да ја префрлат врз руската страна, соопшти портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Таа уште еднаш повтори дека клучното прашање беше САД да ги одвојат сириските опозициски бунтовници кои ги поддржуваат од ултрарадикалните исламистички терористички групи, а бараа Русија да не ги бомбардира бунтовниците
Особено во градот и покраината Алепо, САД се покажаа неспособни да го раздвојат таканаречените умерени групи од поранешната Џенбхат ан-Нусра, денес Џебхат Фатех ал-Шам, сириското крило на Ал Каеда, која ОН ја ставија на листата терористички организации, рече..
„Недејствувањето на Вашингтон им овозможи на терористите да се прегрупираат, да добијат оружје и да се мобилизираат“, обвини Захарова.
„Денешната одлука на Вашингтон е одраз на фактот дека администрацијата на американскиот претседател Барак Обама не е способна да го исполни главниот услов од нашата соработка во интерес на надминувањето на сирискиот конфликт. Или таа никогаш и немала таква намера“, се наведува во писмената изјава на руското министерство за надворешни работи.
Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мисура, изрази длабоко жалење за одлуката на САД да ги прекинат преговорите со Русија за примирјето во Сирија.
„Обединетите нации никогаш нема да го препуштат сирискиот народ на судбината на бесконечниот насилен судир“, објави канцеларијата на специјалниот пратеник на светската организација за Сирија, Стефан де Мистура.
OhridNews
извор: „Макфакс“