САД силно го поддржува зачленувањето на Македонија во НАТО, изјави на прес конференција американскиот претседател Џорџ Буш во Букурешт, каде денеска започна самитот на Северноатлантската алијанса.
НАТО ќе усвои историска одлука за членство на трите балкански држави – Хрватска, Албанија и Македонија во Алијансата, рече Буш. “Овие држави го изодеа напорниот пат на реформи и изградија успешни и слободни општества. Тие се подготвени да придонесат и во НАТО, а нивните граѓани ја заслужуваат безбедноста, што ја гарантира НАТО“, изјави американскиот претседател Џорџ Буш.
Поддршка за земјите од Јадранската група пристигна и од генералниот секретар на алијанста Јаап де Хоп Шефер, кој искажа надеж дека Македонија, Албанија и Хрватска ќе добијат покана за НАТО.
Сепак приемот на Македонија останува под знак прашалник откако Грција и денеска отворено ја повтори заканата за вето. Прекратко е времето сега да биде постигнат некаков договор изјави грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани. Нејзиниот шеф, премиерот на Грција, Костас Караманлис пак испрати писмо до своите колеги на самитот, во кое Македонија ја обвинува за неконструктивност.
Покрај со грчкиот притисок Македонија во Букурешт (не) очекувано се соочи и со опструкции од уште еден сосед-Бугарија, која исто така го оспорува идентитетот на македонската држава.
Соочена со сериозни закани од соседите и (не) милоста на големите сили Македонија стои исправена пред историски предизвик во Букурешт. Романската престолнина уште еднаш на виделина ги исфрли јасните намери на соседите кои очигледно се обидуваат да ја завршат мисијата започната пред речиси еден век кога токму во Букурешт Македонија беше распарчена и разнебитена. Во 21 век сенките од минатото сеуште силно се надвиснати над Европа чии заложби за толеранција, демократија, мир и соживот, како стожери на обединета Европа сериозно се поткопани од земјите кои и натаму го негираат постоењето на цела една нација во срцето на стариот континент.
Часовите пред нас во кои дипломатијата ќе ја одигра клучната улога, се одлучувачки за приемот на Македонија во НАТО. Дефинитивната одлука за проширувањето на алијансата ќе биде соопштена утре на пладне на прес конференција во Букурешт. Не се исклучува можноста Македонија да добие и одложен прием, што всушност би значело условена покана. Во тој случај приемот на Македонија во НАТО ќе зависи од решавањето на спорот за името со Грција што треба да се случи до ратификувањето на одлуката во парламентите на земјите членки на алијансата.
Г. Момироски