Ја заслужуваме ли оваа природна убавина со која е опсипан Охрид и најголемото природно езеро на овие простори? Веројатно има многу едноставни, но и филозофски одговори на ова прашање, кои се наметнуваат со секоја нова фотографија или сведоштво за еколошки инцидент, излив на некултура, себичност, бахатост, па дури и примитивно однесување на несовесни поединци, за кои сепак не може да се тврди дека се само поединци, со оглед на зачестеноста на немилите појави на охридското крајбрежје.

Некогаш едноставно не може да се најде одговор за некои човекови „дела“. Последниот таков пример е помеѓу населбите Лагадин и Елешец. Голем број гуми распослани се на плажата најверојатно за да го заштитат песокот да не бега во езерото, револтирано, велат љубители на природата кои ја затекнале оваа грда слика.

  • Која и да е причината, едноставно е неприфалива. На гумите не им е местото тука, а згора на тоа не можеш против природа, дел од нив со си песок завршуваат во езерото. – вели нашиот соговорник. Жално, нема педа на крајбрежјето да нема некакво самоволие и уништување на природата. – резигнирано додава тој.

Очигледното самоволие со кое се соочува Охрид бара сериозен институционален одговор. Колку побрзо тоа се случи, толку поголеми ќе се шансите нешто да се спаси од природните убавини на Охридскиот регион, бидејќи тие се единствениот адут и можност за валоризација на туристичкиот потенцијал кој го поседуваме.

Г.М.