Сите учесници на на IV критериската регата, што се одржа денеска во тешки услови на разбрануваното Охридско Езеро, заслужуваат честитки за вложениот труд и постигнатите резултати.

Дотолку повеќе што младите спортисти уште еднаш заедно со покровителот на спортската манифестација, Групацијата „Сава“ – „Сава пензиско“ и „Сава осигурување“, упатија силна еколошка порака за заштита на Охридското Езеро, на што впрочем алудира и мотото на регатата „Заедно за иднината на Езерото“.

На регатата учествуваа дваесеттина едриличари на возраст од 7 до 18 години, членови на Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид и Едриличарскиот клуб „Снегар“ од Струга кои се натпреваруваат во класите Оптимист и ИЛКА 4.

Севкупно во класата Оптимист најуспешна беше Андреа Чуркоска од ЕК Снегар – Струга, пред Мила Булатовиќ од Акватика Јахтинг – Охрид и Стефан Бараковски од Снегар.

 

Поединечно, во класата Оптимист во машка конкуренција победи Стефан Бараковски од Снегар, втор беше неговиот клупски колега Томе Златески, а трет Петар Филоски од Акватика Јахтинг.

Во женска конкуренција во класата оптимист најуспешна беше Андреа Чуркоска од ЕК Снегар, второто место го освои Мила Булатовиќ од Акватика Јахтинг, а трета беше Берак Шашко од ЕК Снегар.

Во класата Оптимист, натпреварувачи под 12 години, најдобро време оствари Томе Златески од ЕК Снегар, пред Сара Милеска од ЕК Снегар и Сергеј Кречов од Акватика Јахтинг.

Во класата ИЛКА 4 најдобра беше Јана Неданоска од Акватика Јахтинг, пред Андреа Кавај од ЕК Снегар и Софија Ставрева од Акватика Јахтинг.

Сјајни одличја за храбрите едриличари од Охрид и Струга за резултатите на IV критериска регата

Успешен технички организатор на регатата која е дел од календарот на Македонската едриличарска федерација, беше Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид.

Г.М.

Фото: Младите едриличари од Охрид и Струга посилни од невремето