Македонија води карикатурална дипломатија, која може да има далекусежни последици врз угледот на земјата, смета поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин. Според него идејата за економски промотори е добра но неуспешна, заради лошиот концепт на владата која повеќе гледала на квантитетот отколку на резултатите од економската дипломатија.

– Според мое лично мислење се постапи многу аматерски и карикатурално бидејќи ги фрлија луѓето во мегаполиси како Брисел, Париз, Лондон, Њујорк, Бон, како да се трговски патници да одат од врата до врата. Тие треба да бидат вмрежени во постојните лобинг системи, но владата не побара мислење од поискусните дипломати и се потрошија огромни средства, бидејќи еден економски промотор чини 70-80.000 евра и пресметајте колку тоа чини за дваесет луѓе годишно, вели Ружин.


Нано Ружин

Според него идејата нема економска оправданост и треба да се постави прашање кои се ефектите и дали Македонија профитираше од економските промотори, дотолку повеќе што тие се финансираат од парите на граѓаните.

Ружин во изјава за „Ohridnews“ го критикува и изборот на новите амбасадори кои наскоро треба да заминат во дваесетина земји.

-Некои од тие луѓе се квалитетни, но самиот чин што некои се партиски луѓе  на кои треба да им се компензира неуспехот или заминување од функциите со давање места во амбасадите, во најмала рака е некоректен, затоа што тие таму не одат да се борат за сопствените интереси, туку одат да се борат за интересите на државата, вели Ружин.

Тој смета дека таквата пракса треба да престане и во дипломатијата да се испраќаат најспособните луѓе. „Само со најспособните ќе излеземе од овој ќорсокак во кој се наоѓа државата“, додава Ружин.

Искусниот дипломат смета дека при предлагањето на новите амбасадори не се водело сметка за критериумите според кои тие треба да познаваат и најмалку еден до два странски јазици.

Големо хазардерство е да се испраќаат неспособни луѓе во дипломатијата, а тука мислам и на вториот и третиот ешалон каде исто така има многу партиски послушници, а професионалците кои се неопределени или случајно биле поврзани со некоја партија на одреден начин тие денеска се казнети без разлика што државата инвестирала во нив, што знаат по неколку странски јазици, што се способни и што можат да придонесат за Република Македонија, подвлече Ружин.

Ohridnews